August 8, 2022 18:53
Македонија

Адеми вели не е виновен, Милошоски провоцирал и е под влијание на странски служби

Претседателот на Комисијата за европски прашања (КЕП), Арбер Адеми денеска изрази жалење  за вчерашниот инцидент во Собранието, но не чувствува лична вина за насилството од него врз колегите пратеници.

Тој во изјава за „Слободен печат“ рече дека во Собранието не треба да се повторуваат вакви немили сцени и целата вина за инцидентот ја насочи кон Антонијо Милошоски и опозициските пратеници.

Целата вина за инцидентот ја насочи кон Антонијо Милошоски и опозициските пратеници. Според Адеми, Милошоски под дејство на влијанија од странски служби ја загрозува проевропската иднина на Македонија.

Според Адеми, тој бил на работното место како претседавач на комисијата, а Милошоски и другите опозициски пратеници го исклучиле тонот на микрофонот и како што вели, го загрозиле неговото присуство на работното место.

– Насилство имаше врз мене бидејќи јас бев на моето работно место. Сите пратеници имаат партиска агенда но таа не смее да биде на штета на институциите и граѓаните. Додека го држев микрофонот на сила ми го зедоа и физички ме повредија. Овие сцени се за жалење, вели Адеми.

Адеми директно го обвини Милошоски дека под дејство на влијанија од странски служби ја загрозува проевропската иднина на Македонија. Иако неколу пати беше прашан, Адеми не најде вина кај себе за вчерашниот инцидент.

– Јас не сум Милошоски кој преку телефон монтира случаи за невини граѓани да лежат во затвор. За Милошоски се изјаснија и неговите сопартијци кога рекоа дека со удбашки методи сака да ги пикне граѓаните во затвор. Познато е дека тој е против албанското образвование и дека е бугарофил, додаде Адеми.