November 26, 2022 13:46
Македонија Хроника

Адвокатот на Анџело: Нема кривично дело убиство, предлагаме ослободителна пресуда

Доказите на Обвинителството се во прилог на одбраната, а произлегува друга фактичка состојба, која не дава можност  судот обвинетиот Анџело Ѓоргиевски го осуди за делото убиство кое му се става на товар.

Ова е ставот на адвокатот Иле Танев, кој во завршните зборови побара неговиот клиент, обвинетиот Ѓоргиевски, да биде ослободен од за убиството на Денис Тот.

Според него, начинот на извршување на кривичното дело е најспорниот елемент, па затоа бара ослободување од вина.

„Нема кривично дело убиство бидејќи Анџело Ѓоргиевски не презел дејствија кои би биле во целост исполнети законското битие кое му се става на товар со обвинителниот акт. Наспроти тезите на ЈО дадени во обвинителниот акт и анализата на доказите, како бранител, трудејќи се да го следам хронолошки и аналитички обвинителниот акт, следејќи ги сите дејствија на главата расправа, образложувајќи го предлогот за обвинителна пресуда, ќе настојувам да ве убедам во оправдувањето на предлогот за ослободителна пресуда и недокажаност на обвинителниот акт во поглед на кривичното дело кое му се става на обвинетиот“, кажа адвокатот Танев.

Тој смета дека двата удара на Анџело кон Денис Тот не довеле до негова смрт.

„Од сето ова ни се наметнуваат прашањата дали овие евентуални два удара и падот на оштетениот, сега покојниот Денис Тот, до коишто дошло како резултат на тие удари, довеле до нанесување повреди кои би довеле смрт на оштетениот. Одговорот од доказите е секако – не. Дали во умислата на обвинетиот е содржано делото кое му се става на товар? Одговорот е – не. И трето, дали има соизвршителски дејствија на Анџело Ѓоргиевски со другите обвинети? Одговорот е – не. Дека ваквата теза на обвинителството е во најмала рака тенденциозна, изборот на правната квалификација – несоодветен и истиот сметам дека е даден под притисок на јавноста и тезата на обвинителство е правно неиздржана.

Обвинителството со никаков доказ во прилог на обвинителниот акт не ја докажа причинско-последичната врска со двата удари на обвинетиот со смртниот исход“, додаде Танев.

Адвокатот кој го брани првообвинетиот Анџело Ѓоргиевски посочи: „Ќе го убедам судот дека дејствијата преземени од него не се такви тој да биде огласен за виновен за кривичното дело за кое се товари“.

За Танев, умислата е најнедокажана, а мора да ја има, за да се докаже извршување на кривичното дело убиство.

„Тие се запознале дента во локалот ‘Две капки’. Немал мотив, а уште помалку умисла да го повреди Денис Тот. Според обвинителството, настанала кратка расправија кога оштетениот влегол во возилото. Доколку оштетениот не влегол во такси-возилото, каде не бил ни повикан, ниту требало со него да замине од дискотеката, немало да дојде до настанот. Неспорен е фактот дека оштетениот покажал агресивност и бил во видна алкохолизирана состојба и дека тој факт имал придонес во следат на немилиот настан“, додаде адвокатот на првообвинетиот Анџело Ѓоргиевски.

Тој ги анализираше сите докази во завршниот збор, како и исказите на сведоците.

Според адвокатот, обвинетиот противправно дејствувал само десетина секунди, што според него, е уште еден доказ дека тој немал умисла да го убие Денис Тот.

„Во овој дел на умислата, посебно за Анџело, сите понатамошни постапки и преземени дејствија биле во насока на намалување на штетната последица. Тоа е неспорно и од самите снимки и од исказите на сведоците. Откако паднал оштетениот, Анџело не презема никакво дејствие со удари, туку неговите дејствија се за да му се помогне на оштетениот, а не да се повреди или убие. Тој помагал при реанимација со масажа на срце, што значи презел дејствија на реанимација, а не во насока за довршување на делото кои му се ставаат на товар од Обвинителството“, додаде адвокатот.

Тој посочи дека ударите од Анџело Ѓоргиевски не се причина за смрт на Денис Тот.

„Од ударите и падот на оштетениот и ударот од падот, како и резултатот од повредата – нема ниту една тешка телесна повреда која сама по себе или севкупност ќе доведе до смртна последица“, кажа адвокатот.