December 1, 2021 19:35
Македонија

Автобусот на „Беса Транс“ не е во базата на податоци на Министерството за транспорт

Автобусот на „Беса Транс“ во кој утрово загинаа 45 луѓе на автопатот во Бугарија, не бил пријавен кај надлежните институции во земјата, дознава Дојче веле.

Во Министерството за транспорт и врски се уште е во тек анализата на документацијата на превозникот „Беса Транс“, на неговите автобуси како и на пријавените професионални возачи. Досегашните податоци покажуваат дека опожарениот автобус воопшто не бил пријавен од страна на сопственикот и не фигурира во системот на Министерството. Сопственикот на агенцијата не извадил извод за лиценца на тоа возило, а автобусот воопшто не е во базата на податоците на Министерството.

Сѐ уште се проверува дали двајцата возачи кои управувале во автобусот имале сертификат и дали биле пријавени од страна на сопственикот на агенцијата. Постапката ја отежнува фактот што сѐ уште не се познати имињата на сите загинати во трагедијата која се случи во вторникот утрото во близина на Перник, Република Бугарија.

Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини изјави дека против превозникот „Беса транс“,  инспекторато годинава поднел четири кривични пријави за непочитување на протоколите за Ковид-19 за јавен превоз на патници.