December 4, 2022 20:01
Свет

Австрија ги продолжува мерките за штедење, јавниот превоз во Виена го намалува греењето

Виенскиот градски транспорт реагира на енергетската криза и на донесените пакет мерки, меѓу кои е и намалување на температурата во метрото и трамваите за два степени, соопштија од компанијата. Досега температурата во возилата за градски превоз беше 20 степени, а сега истата ќе биде 18 степени.

Ограничувања ќе има и кога станува збор за осветлувањето, а ќе биде исклучено и осветлувањето на симболот на градскиот превозник, а уметничките дела во станиците повеќе нема да бидат посебно осветлени.

Истовремено, виенскиот превозник ќе ја забрза замената на осветлувањето и преминот кон лед светилки во станиците и возилата.

Исто така, во одредени објекти ќе се постават бројачи за време, кои треба да го регулираат времето кога се вклучува осветлувањето.

Се планира и оптимизација на вентилационата постројка, а греењето на гас сукцесивно ќе се заменува со постројки кои користат обновливи извори на енергија.

Новите мерки за штедење се очекува да ја намалат потрошувачката за околу 11 гигават часови годишно, што одговара на годишната потрошувачка на околу 3.000 четиричлени домаќинства.

Два милиони патници дневно даваат значителен придонес во заштитата на климата со возење во метро, ​​трамваи и автобуси, објасни секретарот за урбан транспорт Петер Ханке.