January 29, 2023 12:37
Спорт

Австралија го победи Тунис и во директен дуел со Данска ќе се бори за осминафинале

Австралија ја забележа третата победа во историјата на Светските првенства откако со 1-0 го совлада Тунис во меч од второто коло на Мундијалот во Катар.

Тунис одиграа одличен меч против Данска и важеа за фаворити во денешната пресметка против Австралија, но на теренот не беа ниту бледа сенка од првото коло.

За разлика од Тунис, Австралија одигра многу подобро отколку на мечот против Франција. Австралијците доминираа денеска и заслужено дојдоа до трите бода.

Клучниот момент се случи во 23. минута кога Дјук погоди со глава за водство на Австралија од 1-0, што се покажа и како конечен резултат.

Без разлика како ќе заврши натпреварот меѓу Франција и Данска, Австралијците во двобој со Данците ќе решаваат кој ќе оди понатаму. Ако Данска загуби или одигра нерешено против Франција, на Австралија ќе ѝ биде доволен и бод во последното коло.