August 19, 2022 14:01
Свет

Абортусот и натаму останува нелегален во Полска, парламентот го отфрли предлогот за легализација

Полскиот парламент го отфрли предлог-законот за легализација на абортусот до 12-та недела од бременоста. Така, Полска остана една од ретките европски земји со многу строг закон за абортус, објави „Еурактив“.

Абортусот е легален во Полска само во случаи на опасност по животот и здравјето на мајката и во случаи на бременост што настанала како резултат на силување.

Предлогот на граѓанската иницијатива „Законски абортус без компромис“, кој во четвртокот беше одбиен со гласовите на десничарските пратеници во парламентот, подразбира легализација на абортусот во Полска до 12-та недела од бременоста, а по овој рок само во случај на опасност по животот и здравјето на мајката.

Абортусот требаше да биде достапен за сите жени постари од 13 години. Од 460 пратеници во полскиот парламент, 265 гласаа против законот, 175 гласаа за, а четворица беа воздржани.

„Законски абортус без компромис“ предвидуваше и воведување на универзално образование за абортус.

„Дојдов кај вас со предлог-закон со кој се менува законот за да биде во согласност со европските и светските стандарди за заштита на животот и здравјето на жените“, рече Марта Лемпарт, лидерката на организацијата која се залага за правото на абортус во полскиот парламент.

„Овој закон е во спротивност со правото на живот, слободата на совест и изразување и родителското право“, рече пратеничката на владејачката партија Ана Милчановска, најавувајќи дека партијата целосно ќе го отфрли предлог-законот.