Свет

Абас го повика СБ на ОН да го отфрли американскиот мировен план за Блискиот Исток

Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска изјави дека светот треба да го отфрли мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот исток, оквалификувајќи го како „швајцарско сирење”.

– Ние го отфрламе израелско-американскиот план, кој ги доведува во прашање легитимните права на Палестинците, нагласи Абас пред Советот за безбедност на ОН, дополнувајќи дека планот не нуди суверенитет за палестинскиот народ.

– Секојпат кога ќе ја погледнам оваа мапа, губам надеж, дали е тоа она што го заслужуваме? праша Абас. – Дали е ова она што го заслужува палестинскиот народ? Бевме тука и како стигнавме до овој момент, на овие мали острови.

– Го одбивме планот бидејќи источен Ерусалим не е дел од Палестина и тоа е доволно за да не го прифатиме, потенцираше Абас, појаснувајќи дека согласно тој план, Палестина би била „распарчена држава”, без воздушна и поморска контрола.

– Кој од вас би сакал таква држава, праша палестинскиот претседател, гледајќи во претставниците на 15 земји во Советот за безбедност.

– Планот ја наградува окупацијата наместо да се смета за одговорна за сите злосторства што се извршени врз нашиот народ и нашата земја, додаде Абас. – Овој план нема да донесе мир или стабилност во регионот и затоа нема да го прифатиме овој план и ќе се спротивставиме на неговата примена на теренот, потенцираше плаестинскиот претседател.

Абас, како што тврдат палестинските медиуми, морал да се откаже од барањето да се гласа за резолуција со која се критикува американскиот план, бидејќи немал доволно меѓународна поддржка, но и поради притисокот што САД го прави врз членките на СБ на ОН.

Претседателот Доналд Трамп ја претстави иницијативата на САД за ставање крај на израелско-палестинскиот конфликт на 28 јануари.

Планот на САД предвидува поделена палестинска држава во која клучните делови на Западниот брег му проипаѓаат на Израел. Палестинците ги бараат целиот Западен Брег и Источен Ерусалим, односно областите окупирани од Израел во војната во 1967 година и отстранување на многу од повеќе од 700.000 израелски доселеници од овие области.