October 3, 2022 17:05
Македонија

Шаќири: Охридскиот договор ни остави обврска да ги насочуваме младите кон меѓусебно разбирање, толеранција и мултикултурализам

Охридскиот мировен договор е меѓник во развојот на Република Северна Македонија, симбол на демократските стремежи и патоказ кон просперитетна иднина на нашата заедничка татковина, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири, упатувајќи честитка по повод 21 година од потпишувањето.

Шаќири посочи и дека реформите, кои се прават во соработка со сите релевантни меѓународни организации и институции, ќе ја постигнат целта – „нашите млади генерации, од одделение во одделение, постепено но континуирано, да се градат како индивидуи кои се солидарни, ги почитуваат различните од себе и работат на лична реализација не повредувајќи ги другите”.

-Само ова е вистинскиот начин доколку сакаме нашата држава да ја поставиме на развој, раст и унапредување. Одбележувајќи ја годишнината од потпишувањето на Договорот, потсетуваме на големата обврска што тој ни ја остави – заедно да работиме на создавање демократска и функционална држава што сите кои живеат во неа ќе ја чувствуваме како своја. Со темелните промени кои ги правиме во образованието, младите ги насочуваме кон меѓусебно разбирање, толеранција и мултикултурализам, како темелни граѓански вредности, нагласува Шаќири во честитката.