August 10, 2022 22:37
Македонија

Честитка од министерот Спасовски по повод Илинден

По повод државниот празник 2-ри Август – Илинден, честитка до македонските граѓани упати  министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Дозволете ми ова празнично утро, од ридот на Гумење, од пред споменикот Македониум, кој претставува симбол на непокороноста, борбата, вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава, а во чија купола се наоѓа и гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев, да ви го честитам нашиот најголем празник – Илинден, одбележувајќи 119 години од раѓањето на Крушевската Република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ.
Првиот Илинден – симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, без разлика на вера, народност, пол и убедување, отсликан во првата Република на Балканот – Крушевската и нејзините славни ѕидари, во Крушевскиот манифест, војводите и комитите, спомен обележјата околу нас, тука во Крушево.
И вториот, оној на АСНОМ, кој ни донесе остварување на идеалите на Илинденците, како симбол на победата над фашизмот, на успешната борба за ослободување од вековното ропство, на хероите – партизани, на Прохор Пчињски, Пелинце и секаде каде што историјата оставила свој печат како паметник за идните генерации.
Денеска сме тука да си приспомнеме на херојството на нашите претци, на нивните дела и да им се оддолжиме! Токму на ова свето место кое претставува камен темелник на заедништвото и меѓусебното разбирање. Токму остварувајќи го аманетот оставен во манифестот, кој ги повика соседите и пријателите кон заедничката цел.
Денеска имаме зошто да празнуваме – не’ грее сонцето на слободата, ја градиме државата на темелите на заедништво и разбирање кои тие, нашите претци ги поставија, нивната визија ја исполнуваме во нашата реалност, а нашите пријатели се сè побројни.
„Нашата сила за иднината” е мотото под кое годинава го чествуваме нашиот најголем празник, сплотени во традициите, идеите и културата. Притоа, сосеми свесни дека најдобриот начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш, бидејќи таа припаѓа на оние кои веруваат во убавината на своите соништа.
Нека ни е честит и вековит Илинден,
Да ни биде вечна Република Северна Македонија!