September 28, 2022 14:02
Спорт

Ц. Звезда го завери пласманот во плејофот во ЛШ, Плзен го исфрли Шериф

Белградска Црвена Звезда вторпат го победи ерменски Пјуник каде пола час играше екс-македонскиот репрезентативец Марјан Радески, за да го завери пласманот во плејофот во Лигата на шампионите против Макаби Хаифа, која оди во последното квалификациско коло и покрај поразот во Лимасол од Аполон.

Црвено-белите славеа во Ереван со 2-0 и со вкупни 7-0 стигнаа на чекор до европската елита, а денеска Гејлор Канга од пенал во 44-та и Милан Павков во 60-та дадоа два гола за втор триумф, откако претходно Александар Катаи промаши пенал по пола час игра.

Ц. Звезда ќе се соочи со Макаби, кој во плејофот оди после убедливите 4-0 дома против Аполон, па кипарскиот првак денеска имаше сила само да ја преполови убедливата предност и тоа во првата третина од мечот, но немаше сили за да дојде на чекор до чудо и да надомести четири гола негатива.

Онгенда и Кол во периодот од 19-та до 27-та минута дадоа два гола за надеж за Аполон, но кипарците тука застанаа.

Викторија Плзен со 2-1 вторпат го победи ланскиот учесник и сензација во ЛШ, Шериф Тираспол и со вкупни 4-2 обезбеди плајоф, па сега го чека подобриот од пресметката Ференцварош – Карабах за противник во завршниот двомеч за пласман во европската елита.

Климент во 10-та и Москера во 62-та постигнаа голови за победата на Плзен, а Аканби во 47-та даде гол за Шериф во тој момент за да останат во игра во двомечот.