October 1, 2022 18:54
Македонија

Централна Демократска Унија (ЦДУ) – нова политичка партија на Ромите во Северна Македонија

На македонската политичка сцена, неодамна беше претставена партијата „Централна демократска унија” (ЦДУ) – нова политичка партија на Ромите во Македонија. Примарна цел на оваа партија е ромско обединување и заштита на нивните интереси, како и одговорно и интензивно решавање на проблемите со кои се соочуваат.

Лидерот и претседателот на партијата Рикардо Сали ветува дека оваа партија ќе се разликува од останатите партии во ромскиот политички блок.

Во државава според последниот попис има 46.879 Роми, со што претставуваат 2,53% од вкупното население во Македонија. Иако има релативно висока бројка на Роми во нашата држава сепак има голема разединетост меѓу нив. Бидејќи Ромите се соочуваат со големи проблеми, на македонското политичко тло се формира нова партија која ќе го слуша гласот на народот и ќе се бори за подобра иднина на ромската заедница.

Идеолошки оваа партија припаѓа на централистичките партии, но тие не ја исклучуваат можноста за понатамошна коалиција со партиите од левицата или десницата. Како што велат, и самото име на политичката партија произлегло од нивната идеолошка матрица „Централна демократска унија”.

„Ние сме партија која гласно ќе зборува за проблемите на Ромите во Македонија, а за решавање на истите демократски ќе се одлучува во рамките на самата партија. Во нашата партија сите ќе имаат можност да придонесат во решавањето на проблемите и креирањето на посветла иднина”, велат од ЦДУ.

Во политичката партија ЦДУ има луѓе кои веќе подолго време биле активни во политиката, но и млади луѓе кои сега за првпат влегуваат на македонското политичко поднебје. За останатите партии од ромскиот политички блок тие велат дека честопати станува збор за „човек – партија”, а истите тие партии го донеле ромскиот народ до сегашното ниво. Партиите кои биле активни во текот на претходните години, се потенцира дека треба да се провери потеклото на нивниот имот и таквите „лидери” да сносат одговорност за се што сториле.

„Самата ситуација во која се наоѓаат Ромите во државата, го појаснува ангажирањето околу заедницата, која е во исклучително тешка состојба, каде поголем дел од населенито во 21-от век живее во супстандардни услoви, немаат водовод, канализација, а да не зборуваме за интернет без кој денес не може да се фунционира (on-line училиште, користење на неопхони апликации за секојдневно функционирање и информирање), а не пак да размислуваат за некоја посветла иднина за нив и нивните поколенија. Сето ова е поради погрешното водење политика и лошиот третман на ромите во изминатите 20 години во Македонија.” – изјави лидерот на политичката партија ЦДУ, Рикардо Сали.

Насочувајќи се кон обезбедување на достоинствен живот на Ромите, ЦДУ според својата програма има четири основни приоритети, а тие се: образование, вработување, здравство, домување. ЦДУ ветува промени на политичкото тло во Македонија, а преку нивната програма се обврзуваат дека ќе обезбедат мирен и достоинствен живот на Ромите кои живеат во оваа држава.

Централна демократска унија (ЦДУ)