August 19, 2022 12:41
Магазин

Хоакин Феникс со Лејди Гага во продолжението на Џокер

Филмското продолжение на психолошкиот трилер оскаровец „Џокер“, базиран на еден од најпознатите негативци од стриповите, ќе се појави во кината на 4 октомври 2024 година, изјави во средата портпаролот на филмскиот дистрибутер „Ворнер Брос“.

Во Jокеr: Folie a Deux („Лудило за двајца“) ќе глуми Хоакин Феникс, кој ќе ја повтори својата улога на насловниот лик – извонредна изведба што му донесе „Оскар“ за најдобар актер во оригиналниот филм од 2019 година, изјави портпаролот на студиото.

Филмот од 2019 година – приказна за потеклото на големиот непријател на суперхеројот Бетмен – доби 11 номинации за „Оскар“ вклучувајќи ја и таа во категоријата најдобар филм, но победи за најдобра оригинална музика и за најдобар главен актер.

Тод Филипс е режисер и продуцент, сценариото го напиша заедно со Скот Силвер.

Приказната го прикажува психолошкиот пад на главниот протагонист во филмот, пропаднат кловн и комичар Артур Флек, и социјалните сили кои го трансформираа од потиштен самотник во ладнокрвен убиец кој инспирира бран насилство во измислената метропола Готам Сити.

Нема достапни детали за продолжението. Но, холивудскиот портал „Вараети“ објави дека новата продукција ќе биде мјузикл во кој Лејди Гага ќе ја глуми сојузничката на Џокер, Харли Квин.