December 6, 2022 00:38
Спорт

Француските кошаркари кои потпишале за руски клуб се отпишани од репрезентацијата

Француските кошаркари кои се веќе ангажирани или кои се пред потпис за руски или белоруски клуб нема да можат да играат за националните тимови до крајот на војната во Украина, соопшти Кошаркарската федерација на Франција.

„Играчите и тренерите повеќе нема да се избираат за националните тимови доколку потпишат договор со руски или белоруски клуб се додека конфликтот трае“, се вели во соопштението.

Тројца играчи потпишаа за руските клубови во текот на летото и затоа се во немилост на Француската кошаркарска федерација.

Тоа се Томас Ертел кој од Реал замина во Зенит, Луис Лаберие кој од Валенсија се пресели во Уникс и Ливио Жан-Шарлс кој дресот на Олимпијакос го замени со дресот на ЦСКА Москва.

По инвазијата на Украина од страна на руската армија на 24 февруари, Меѓународната кошаркарска федерација одлучи до дополнително известување да ги исклучи Русија и Белорусија од сите натпреварувања, а истата одлука ја донесе и Евролигата.