October 6, 2022 13:28
Македонија

Филипов: Време е кај политичките партии да надвладее државниот интерес, голема е одговорноста и на опозицијата

Време е еднаш и кај политички партии во земјава да надвладее интересот на државата, над интересот на партијата. Така што, иако на прв поглед и од моментална гледна точка не постојат услови за уставни измени, тоа не значи дека и по една година нема да постојат, оценува амбасадорот д-р Ѓорѓи Филипов во интервју за МИА.

Тој се согласува дека барање за промена на Уставот пред самиот почеток на преговорите е навистина своевиден преседан, но вели, слични барања имале и некои некогашни кандидатки, денес членки на Европската Унија, само што ургентноста не била толку брутално изразена, што може да се спореди со уцена.

– Имавме слична ситуација пред зачленувањето во НАТО, што ќе рече дека нацијата веќе има колективно искуство од коешто нешто и научила, па верувам дека и надлежните институции и политички партии од власта и опозицијата ќе успеат, во име на напредокот на државата, да најдат соодветна политичка солуција, а притоа да ги зачуваат дигнитетот и суверенитетот на Северна Македонија, како и идентитетот на македонскиот народ и посебноста и оригиналноста на македонскиот јазик, што тој народ го говори од дамнина, кодиран, дури и со сопствен дигитален речник на македонскиот јазик, користен од Македонците и останатите народи што имаат потреба од него, без разлика кога бил стандардизиран. ВМРО-ДПМНЕ е сериозна политичка партија, со најголема бројка на запишани партиски членови, оттаму и носителка на голема одговорност за развојот на Република Северна Македонија, што говори дека позицијата на опонент на владината коалиција сепак не значи и опонент на носењето правилна одлука во дадената временско, просторно, политичка, одбранбена, здравствена и економско-социјална координата во која се наоѓа земјата, подвлекува амбасадорот Филипов.