October 3, 2022 16:30
Свет

Украинците го гранатираа единствениот мост над Днепар

Украинските сили повторно го гаѓаа мостот Антоновски во Херсон, кој е под контрола на руските сили, изјави денеска заменик-шефот на привремената управа на областа Херсон, Кирил Стремусов.

Според него, опремата што се користела за реконструкција по претходниот ракетен напад била оштетена, па затоа повторното отворање на мостот е одложено, пренесува Интерфакс.

Мостот Антоновски е единствениот преку реката Днепар во Херсон и го поврзува тој град со левиот брег, особено со градот Аљоша. Во текот на летото, мостот беше гранатиран неколку пати, а привремената управа на регионот Херсон објави дека гранатирањето е извршено од американски повеќецевни ракетни системи ХИМАРС.