September 26, 2022 18:48
Свет

Тајван ги крена борбените авиони откако кинески авиони навлегоа во зоната на противвоздушна одбрана

Поради продирањето на кинески авиони во зоната за противвоздушна одбрана, Тајван ги крена своите борбени авиони, соопшти тајванското Министерство за одбрана.

Тајван, за кој Кина смета дека е нејзина територија, рече дека испратил авиони и распоредил ракетни системи за да ги „следат кинеските активности” во својата идентификациска зона за противвоздушна одбрана.

Одлуката следуваше откако 27 кинески воени авиони се проближија до тајванскиот воздушен простор.

Тензиите посебно се зголемија откако претседателката на американскиот Конгрес Ненси Пелоси престојуваше во посета на Тајван, на што официјален Пекинг се спротистави.

„Пелоси не е свесна за мноштвото проблеми во својата земја и не се грижи за егзистенцијата и благосостојбата на своите сограѓани, туку прави политички трикови и го повторува она што со бројни факти е докажано дека е лага на векот,” напиша на Твитер портпаролката на кинеската Влада Хуа Чунјинг.

Таа додаде дека посетата на Пелоси на Тајван го разоткрива злокобниот мотив за користење на човековите права како изговор за мешање во внатрешните работи на други земји, поткопување на стабилноста на Кина и ограничување на развојот на Кина.

Велика Британија и Германија веднаш реагираа и побараа деескалација на ситуацијата.