August 15, 2022 19:04
Балкан

Страшна несреќа во Хрватска: Полски автобус излета од автопат, најмалку 11 загинати, над 30 повредени

Автобус со полски регистерски таблички утрово доживеа тешка сообраќајна несреќа на автопатот А4 Загреб-Горичан. Најмалку 11 лица загинаа на самото место, а 34 лица се повредени, главно полесно, но овие неофицијални бројки можеби не се конечни.

Според првите информации, автобусот околу 5 часот и 30 минути излетал на потегот од Брезнички Хум до Комин, во правец кон Загреб. Полициската управа Вараждин наведува дека точната локација е помеѓу Јарек Бишашки и Подворец.

Засега нема официјални информации за причините за оваа несреќа, ниту за околностите во кои се случила, но неофицијално, тезата е дека возачот најверојатно заспал на воланот.

Полицијата е на местото на настанот и врши увид, а на локацијата се повикани екипи на итната помош и пожарникари кои помагаат во спасувањето на настраданите.

-Беше страшно. Тоа е како да гледате хорор филм. Добивме дојава околу 5:50 часот. Извлекувавме мртви, ги имаше повеќе од 10. Автобусотсе забил во каналот и целиот преден дел на возилото се смрска до половината од автобусот. Автобусот изгледаше како да удрил во ѕид. Едниот возач излетал низ шофершајбната, а другиот беше во автобусот. Вакво нешто не сум доживеал откако сум пожарникар, а имам 60 години, изјави Иван Иванчан, командант на ДВД Брезнички Хум, чиј тим со четворица пожарникари и четири возила беше меѓу првите на местото на настанот.