September 26, 2022 18:11
Македонија

Со рано откривање на пожарите во прекуграничната област во Северна Македонија и Грција ќе се спречуваат катастрофи

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион преку реализирање на проект ќе работи на рано откривање на пожари и нивно движење за превенција и справување со катастрофи. Со овој проект, што ќе се реализира заедно со Регионот на Централна Македонија, Грција, со европски пари, треба ефикасно да се откриваат и да се управува со шумските пожари во прекуграничната област преку соодветни ИКТ алатки, односно сензори.

Како што информираа од Центарот, општата цел на овој проект е ефикасно откривање и управување со шумски пожари во прекуграничната област преку соодветни ИКТ алатки, со цел зголемување на подготвеноста како и размена на практики меѓу двете земји.

Развојот и имплементацијата на ИКТ системи за ефикасно рано откривање на шумски пожари, со зголемена прецизност, намалување ниски стапки на лажни аларми и способност за 24 часовна работа, која ќе го покаже потенцијалот на ваквата иновативна технологија, ќе придонесе кон рано предупредување за ризик од катастрофи од шумски пожари.

-Намерата е со поставување на ИКТ опрема на планините Беласица и Кожуф да се детектираат пожарите навремено и тоа не термички или сателитски, туку преку чадот за да биде навремено откриен и да се интервенира пред да започне да се шири и потешко да се изгасне. Покрај набавка на оваа опрема, ќе се набават две помали возила за ТППЕ Струмица и Гевгелија, рече Жулиета Ѓуркова, проектен кординатор.

Според студијата подготвена на барање на Комитетот за животна средина, јавно здравје и безбедност на храна на Европскиот парламент (2008 година), шумските пожари се најголемата закана за шумите и шумските области во Јужна Европа, вклучувајќи го и географскиот опсег на програмската област.

Во Република Северна Македонија вкупната штета предизвикана од пожарите во периодот 2004-2013 година се проценува на околу 5,1 милиони евра. Покрај економските загуби, во 2012 година четири лица загинаа, а 12 лица беа повредени како последица на шумски пожари во нашата земја. Во Грција, шумските пожари во текот на 2018 година резултираа со 102 повредени и мртви, додека во летото 2007 година бројот на загинати изнесуваше 84 лица.

Лани нашата држава, во периодот јуни-септември година беше зафатена од повеќе шумски пожари. Во овој период имаше 142 шумски пожари од кои беа зафатени 11.420 хектари под шума. Опожарената дрвна маса во шумите изнесува 482.106 метри кубни, а износот на проценетата штета изнесува 2.318.091.000 денари.

Промените во климата на Балканскиот регион, исто така, се очекува значително да влијае на фреквенцијата, големината и интензитетот на шумските пожари. Заедно со овој развој, постои зголемен ризик од пожари кои горат на периметарот на урбаните области, селата, фармите и туристичките центри.

-Последните случувања во информациските и комуникациските технологии веќе имаат огромно влијание, особено во однос на системите за откривање шумски пожари. Постојат системи базирани на сателитски снимки, но тие не се користат во апликации во реално време поради нивниот долг циклус на скенирање, слаба резолуција и цена. Предложени се и други системи засновани на слики со краток опсег, користејќи оптички, инфрацрвени или термички слики. Сепак, некои од овие пристапи се многу почувствителни што ги прави да емитуваат лажна тревога. Пристапот на проектот лежи во развојот на холистички пристап за превенција и управување со природни катастрофи, ризици и опасности, фокусирајќи се на ризикот од шумски пожари. Проектот вклучува развој и оперативна евалуација на ИКТ системи за рано предупредување и управување со ризик од шумски пожари што ги овозможуваат системите за рано откривање пожари. Понатаму, воспоставува прекугранични мрежи на соработка за ефикасно спречување и управување со природни катастрофи и ризици и опасности поврзани со климата, додаваат од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

За времетраењето на проектот ќе се набават две специјализирани возила за територијалните противпожарни единици во Струмица и Гевгелија. Малиот камион за спасување е наменет за Територијалната противпожарна единица Гевгелија, која е одговорна и опфаќа простор од три општини во Југоисточниот регион, Гевгелија, Богданци и Дојран. Возилото, односно „пикапот” за прв одговор е за ТППЕ Струмица, која е одговорна и опфаќа простор од 4 општини во Југоисточниот регион, Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.

– Секоја донација е добродојдена за справување со шумски пожари и се надевам дека оваа успешна соработка со Центарот ќе продолжи и понатаму, рече Дејан Иванов, заменик командир на ТППЕ Гевгелија.

Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, со новото возило се зголемуваат капацитетите на единицата за гаснење на шумски пожари.

-Новото возило за нас е од големо значење за гаснење на пожари на отворен простор, поточно за шумски пожари, во кои има места што се непристапни. Тоа возило ќе ни биде драгоцено и за интервенции во повисокиот дел на градот. Претходно од Центарот за развој на Југоистокот добивме специјални одела за гаснење шумски пожари и сега со возилото сметам дека сме добро опремени за справување со вакви пожари, изјави Гудев.

Проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи – eFIDAR” ќе се имплементира до октомври идната година, а вкупната вредност е 1,4 милиони евра обезбедени преку Интеррег ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Грција, а во реализцијата се вклучени и повеќе други институции и организации од двете држави.