October 1, 2022 20:47
Македонија

Со пари за заштита од Ковид купен автомобил со кожен волан, во Скопје тест за 119 денари, во Прилеп за 420 денари

Центарот за граѓански комуникации денеска објави Извештај за јавни набавки за заштита од ковид-19, изработен врз основа на длабински мониторинг на постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година.

Мониторингот детектираше дека јавните набавки поврзани со КОВИД-19 и во второто полугодие од 2021 година, односно и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција и дека проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите. Како проблем се посочува и тоа дека кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи.

-И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 отсто, при набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција, а постои и слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас, ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција, покажува Извештајот.

Во еден од случаите, една институција набавилa тест за 118 денари, за друга да го набави истиот за 420 денари. Во делот кај маските од предвидени 2.360.000 денари, постигната е цена за само 127.558 денари. Една заштитна маска од коронавирус, во една институција се набавувала за 3 денари, а во друга за рекорди 104 денари. Ова се само дел од недоследностите.

Според истражувањето, како јавни набавки за КОВИД-19 се купувани производи што не можат да се доведат во врска со пандемијата. Пример за тоа е службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.

-Овој Извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од КОВИД-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година. Опфатените постапки претставуваат 52 проценти од сите тендери за КОВИД-19 во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 отсто од вредноста на сите тендери за КОВИД-19 во анализираниот период (4,1 милион евра), наведува Центарот.

Поврзани вести

„Војна“ меѓу Адора и БЕГ зa топланите- биле под закуп или во стечај?

Igor

Се спрема ли нов политички субјект? Данела, Стевчо, Максим и „Огнените“ од ДУИ во лов гласови од разочараните граѓани

admin

Муса Џафери: Или оставка на Груби или војната во ДУИ ќе ескалира

admin