September 26, 2022 17:06
Скопје

Се отвори новата летна сцена во Градски Парк

Деновиве посетителите во вториот дел на паркот можат да видат нова содржина кај стариот насип кај сточарскиот институт на УКИМ.  Се работи за втората летна сцена по култната „Школка“ каде се одржуваат повеќето летни настани во Скопје. Оваа сцена е помала, со помало гледалиште, но со повеќе можности за мултимедијални содржини.

Започна да ја гради администрацијата на Шилегов минатото лето, но работите запреа по изборот на новата Градоначалничка Арсовска. Наместо за три, изградбата заврши за речиси 10 месеци. Изградена е од камена подлога и подвижни челични профили и чини околу 100.000 евра.

Автори на решението се тим архитекти предводени од двајца професори на архитектонскиот факултет во Скопје: проф. Д-р Бојан Каранаков, проф. д-р Александар Радевски, Филип Велкоски и Борјан Менкиноски. Тие беа избрани на конкурсот за летни сцени кои го распиша Град Скопје во 2020 како една од активностите за време на пандемијата и пост-пандемиските препораки за што повеќе содржини на отворено. На почетокот на изградбата Шилегов изјави:

„Овој процес го започнавме веднаш по започнувањето на пандемијата. Град Скопје беше првата европска метропола со кризни мерки за културата во насока на заштита на егзистенцијата на скопските уметници, но и првата метропола што организираше цели фестивали сред пандемија, па дури и во карантин. Оваа сцена е избрана на јавен конкурс во конкуренција на 12 други трудови и беше претставена на изложба заедно со сите останати примени трудови минатото лето. По изработката на основниот проект и неопходните процедури за јавни набавки, сцената е тука“

„Мултифункционалната сцена ќе биде новата гордост на Градски Парк. Местото каде ќе се одржуваат најубавите настани, градски фестивали, местото каде многу скопски уметници за прв пат ќе застанат на сцена и каде публиката ќе има можност да ужива во незаборавни моменти“, изјави во таа прилика градоначалникот Шилегов.

Летната сцена е лоцирана непосредно до новоуредениот паркинг кај сточарски институт, зад стаклениците на Паркови и Зеленило и сообраќајниот пристап е од страната на Хотелот Александар Палас. Таму пред три години беше отворен и вториот памптрак во Скопје за помали деца кој и ден денес е многу популарен и често се користи. Паркингот со кој што стопанисува ЈП „Градски Паркинг“ и лесната пристапност ја прават летната сцена да може брзо и едноставно да се поставува и празни, со техника и публика, без да се вознемируваат посетителите, жителите и зеленилото во паркот.

Летната сцена се состои од низок бетонски под кој служи истовремено и како сцена и како гледалиште, со челична конструкција што служи како позадина и која со своето движење на летната сцена и дава можност за две ориентации – кон запад и кон исток. Ноќната илуминација на сцената му дава дополнителна убавина на просторот и остава можност за ново собиралиште за младите во паркот.  Останува да видиме кој ќе ја отвори оваа летна сцена со првиот концерт, претстава, изложба, или друг уметнички перформанс со што ќе се означи почетокот на нејзиното функционирање и работење во Градски Парк – Скопје.

 

 

Поврзани вести

За три дена нови 96 случаи на коронавирус, починаа 4 лица

Igor

Ударите од Клементина не биле причина за смртта на Тот, смета одбраната на обвинетата

Igor

Таравари: Ако добиеме понуда за влегување во Влада, ќе ја разгледаме

Igor