October 1, 2022 20:51
Македонија

Русковска се уште не му доставила одговори на Јовески за претресот

Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која денеска беше суспендирана, се уште не постапила по наредбата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески кој ја задолжи да ги утврди околностите околу организирањето на претресот во Управата за финансиска полиција, oбјави „Фокус“ .

-Не, до сега не е доставена бараната информација, потврдува обвинителот Јовески.

Тој претходно во интервју за неделникот „Фокус“ појасни дека ја задолжил обвинителката Русковска да достави информација за постапувањето.

-Обвинителите кои го извршија надзорот утврдија дека на денот на вршењето на претресот обвинителката Вилма Русковска го започнала користењето на годишниот одмор. Во нејзино отсуство ја заменувала обвинителката Ивана Трајчева. Барањето за наредба за претрес кое е изготвено во име на обвинителката Русковска го потпишала обвинителката Елизабета Јосифовска. За тоа кој го изготвил барањето, кој наредил да се потпише, дали обвинителката што го потпишала знаела што потпишува или тоа и било наредено, кој го доставил барањето до судот, кој го организирал вршењето на претресот, но и за други релевантни околности задолжена е обвинителката Русковска да достави информација до Јавното обвинителство на РСМ, појаснуваше Јовески.

Од обвинителството за „Фокус“ појаснуваат и дека предметот кој се однесува на Управата за финансиска полиција се уште не бил предаден во Специјализираното одделение, кое според Јовески, е единствено надлежно да постапува.