October 6, 2022 12:55
Свет

Протести во Ирак: Уморни сме од корупција, рекордни температури а граѓаните останаа без струја

Во Ирак демонстрантите ги блокираа патиштата откако голем број граѓани останаа без струја за време на летните горештини.

Температурите достигнаа 50 степени Целзиусови, што е речиси еднакво на минатогодишниот рекорд, пренесе АП.

Во провинцијата Басра, богата со нафта, десетици луѓе трет ден по ред излегоа на улиците и палеа гуми, блокирајќи го главниот пат кон главниот град на провинцијата, во знак на протест поради прекинот на струјата.

Додека на југот се одржуваа протести поради струјата, следбениците на шиитскиот верски лидер Муктада ал Садр протестираа деветти ден пред зградата на ирачкиот парламент барајќи предвремени избори. Многу демонстранти во Басра рекоа дека ги поддржуваат протестите и барањата на Ал Садр и рекоа дека се уморни од неконтролираната владина корупција, пренесува медиумот.

„Не е прв пат да протестираме и нема да биде последен“, изјавил еден од демонстрантите во Басра и додал дека продолжуваат да протестираат за струја и вода, кои, како што рекол, се основни барања.