October 5, 2022 14:29
Хроника

Почина неготинката која беше крвнички претепана од партнерот

Во тек на вчерашниот ден во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје почина 46-годишната жена од Неготино, која беше претепана од страна на нејзиниот партнер П.Н. (51) на втори август. Таа од тогаш беше во кома поради тешките повреди и се бореше за живот, објави Фокус.

Според ОЈО, по вербална расправија, П.Н. извршил семејно насилство врз жртвата со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. Тој повеќе пати ја удирал со тупаница во главата, а потоа ја турнал кон туш кабината во бањата. Оштетената паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Делото што го сторил П.Н. ќе се преквалификува во потешко кривично дело, согласно новите околности, бидејќи во меѓувреме жената починала, а тој останува во притвор. потврдија за МИА од Јавно обвинителство Кавадарци.
Претходно, ОЈО донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик.

Според д-р Маја Мојсова, раководителка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, жената кај нив била донесена со многу тешки повреди на мозокот и черепот.

-Пациентката кај нас беше донесена во кома. Стануваше збор за многу тешки повреди на мозок и на череп и веднаш беше оперирана. За жал, почина – изјави за ,,Фокус” д-р Мојсова.