September 26, 2022 17:54
Македонија

Попов: Власта на СДСМ и ДУИ освен лаги немаат ништо друго понудено на младите

Денес е меѓународниот ден на млади, иако мојата прва намера беше да го честитам овој ден во мое име и во име на УМС, но во последните години владеење на СДСМ и ДУИ освен ветувања и лаги немаат ништо друго понудено на младите.

Во последните години и покрај несреќните изјави дека учениците, студентите и младите се приоритет за нив, можеме да го видиме само спротивното. Ветуваа студентски градови, а од сликите кои стигаат до нас од студентите може да видиме дека шајка немаат заковано во веќе постоечките студентски домови. 
 
Ветуваа поквалитетно образование, а во последните години освен слободен пад на ранг листите на државниот универзитет ништо се нема променето. Ветуваа младинска  гаранција, а се почесто гледаме дека патот од клупите и амфитеатрите до работните места е невозможна мисија. Оставаа чевли, манипулираа со чувствата, ветуваат бројчаници, а реалната слика е дека секој ден некој млад човек го пакува целиот свој живот во два куфери и си заминува од Македонија.
Доста е веќе лажење и манипулирање, иако тоа ви е модус операнди. Младите познаваат кој им е партнер во борбата за подобро утре и на следните избори вашата безидејност ќе биде жестоко поразена.

Драги млади, упатувам повик до сите вас, да се приклучите во оваа битка и никогаш повеќе меѓународниот ден на млади да не помине во потенцирање на слабости и тонењето кон дното, туку прославување на успесите.