September 26, 2022 18:50
Свет

Пожарот во Берлин се уште активен

Пожарот што избувна во шумата Груневалд во Берлин по неконтролирана детонација на место за депонирање експлозиви сè уште гори.

Тешкотии за пожарникарите предизвикуваат експлозиви кои се наоѓаат на полигонот, па не можат да се приближат за да го изгаснат пожарот.

По повеќе од 24 часа, се уште се слушаат експлозии, јавуваат тамошните медиуми.

Имено, во магацинот биле складирани околу 25 тони муниција од Втората светска војна и нелегални пиротехнички средства кои биле одземени и кои полицијата полека контролирано ги уништува.

Пожарникарите посочуваат дека гаснењето на пожарот точно на местото каде што избувнал, а кој е на полигонот е невозможно и опасно по живот.

„Цела ноќ го гасневме пожарот. Успеавме да изгасиме многу пожари. Сега треба дополнително да ја анализираме ситуацијата“, објаснил Томас Кирштајн, портпарол на берлинската противпожарна служба.

Тој за весникот „Билд“ изјавил дека најголем проблем е што на тој простор има експлозиви и што пожарникарите мора да работат на оддалеченост од 1.000 метри.

Поради ова, шумските пожари остануваат проблематични за пожарникарите.

Кирштајн најавил дека пожарникарите денеска ќе се обидат да го изгаснат пожарот со специјални оклопни возила.