September 28, 2022 14:01
Балкан

Пленковиќ ги обвини Србите за „Бура“

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска одржа говор во Книн на кој изјави дека „српското раководство ја принудило Хрватска да ги протера Србите“. Пленковиќ во говорот, како што пренесуваат српските медиуми, рекол дека „Хрватска знае како е да се биде жртва на агресија“, иако во акцијата „Бура“ од Хрватска беа протерани 250.000 Срби, а над 1.800 беа убиени и исчезнати.

„Тие се обидуваат да ја наклеветат Хрватска со залудни обвинувања за протерување на Србите, иако е јасно дека српското раководство ги принудило на тоа. Обвиненијата против пилотот се неприфатливи, Србија не покажува подготвеност да признае одговорност во злосторничкиот потфат“ – додаде тој.

Тој посочи дека „Владата како и досега ќе ги штити бранителите, пилотите и командантите и нема да дозволи да се доведе во прашање ослободителниот карактер на војната“.

„Како победник во војната, горди сме што ги штитиме правата на сите национални малцинства. Србија, за жал, не соработува ниту во гонењето на криминалците, ниту во потрагата по исчезнатите, ниту во обесштетувањето на жртвите“ – рече Пленковиќ.