August 12, 2022 02:49
Македонија

Невена Георгиева-Дуња и Крсте Црвенковски постхумно одликувани со орден за заслуги

По повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, претседателот Стево Пендаровски, денеска на свечена церемонија ги додели одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно беше одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество.

Неговата визија и неговиот конкретен влог во формирањето на македонското општество, културата и на политичката прогресивна и еманципациска патека е од непроценливо значење. Црвенковски активно се застапува за рамноправноста и за посебноста на народите и на плуралистичките културни идентитети во општеството, како и за легитимните интереси на републиките и на нивните народи и народности, како основа за градење на сојузната политика.

Тој е еден од најзначајните, најпрогресивните и водечките политичари во историјата на македонската државност, којшто остава трајни вредности во развојот на политичката култура.

Со Орден за воени заслуги, претседателот постхумно ја одликува Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.

Невена Николова Георгиева-Дуња е првата македонска партизанка, којашто била дел од Народноослободителната војна. Таа е пример за тоа дека младоста во заедништво со зрелоста, истрајноста и со посветеноста се предуслов за создавање прогресивни општествени и идеолошки наративи.

Со Медал за храброст беа одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дафинка Богоева. Осумтемина се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба, што се согледува низ нивните карактеристики, а и низ карактеристиките на голем број генерации борци, кои не ги штедеа своите животи за слободата, втемелувајќи ги основните насоки за градење на државата.