October 1, 2022 19:01
Македонија

Над 300 млади од Струмичко не се во образовниот процес

Над 300 млади од струмичкиот микро регион не се во образовниот процес, а најголем процент од нив се од Струмица, потоа Босилово, Василево и Ново Село.

Ова го објави Центарот за истражување и анализи „НОВУС” од Струмица во рамки на проектот „Иницијатива за социо-економско зајакнување на младите од Струмичкиот регион”.

Според нив, податоците за најголем број необразовани во Струмица се такви заради тоа што во Струмица на возраст од 18 до 30 години според пописот има најголем број на млади-7.356, додека пак во Ново Село има најмал број на млади-785.

Додаваат дека спровеле мапиирање на „НЕЕТ” категории (млади кои не се вработени, не се во образование ниту во обука, млади луѓе кои не се во работен однос, невработени млади луѓе и млади кои се економски неактивни, односно млади луѓе кои не работат и не се во можност да работат или не бараат работа и не се во образование или не посетуваат некакви обуки), а истото се базира на податоците од спроведениот попис минатата година, податоци кои се јавно достапни и ги има обработено Државниот завод за статистика.

-Според истражувањето и податоците од последниот попис и јавно достапните информации од Државниот завод за статистика, од вкупно 11.446 млади во овој регион во образовниот процес се 97,25 отсто, додека 2,75 отсто не се. Иако процентот за млади кои не се во образовен процес е мал, како причина за ваквата состојба е што во овој микро регион има три средни училишта, кои се лоцирани во Струмица. Според фокус групи и директни одговори на млади од НЕЕТ категорија спроведени во минатото, како една од главните причини кои претставуваат потешкотија за млади со помалку можности да го продолжат своето образование е потешкотиите кои им се јавуваат во однос со можности за транспорт од руралните средини, велат од „НОВУС”.

Според истражувањето, во струмичкиот микро регион балансот помеѓу население кое живее во рурални и урбани средини е речиси 50/50 отсто и затоа се јавува потребата да се утврди колку од младата популацијата во овој регион се млади со помалку можности и млади од „НЕЕТ” категории.

Покрај испитувањето на причините кои доведуваат до тоа младите да не се во образовниот процес, од „НОВУС” најавуваат дека во истражувањето ќе бидат опфатени и други категории млади, како и причините кои доведуваат тие да бидат надвор од процесот на пазарот на трудот

Стапката на младите „НЕЕТ” лица во Македонија изнесувала 31,2 отсто во 2016 година, во споредба со просечната стапка од 13,9 проценти во земјите на ОЕСD1 . Од нив, околу 83.000 биле невработени и 53.000 биле неактивни.

Долгорочно невработените лица имаат најголем удел во „НЕЕТ” (43,4 проценти), следени од 26,2 отсто млади лица со семејни обврски или обврски за грижа. Тие се пред сè млади жени на возраст од 25-29 години што завршиле само основно образование и живеат во руралните подрачја.

„НЕЕТ” се позастапени во старосната категорија од 25-29 години меѓу жените и лицата со завршено средно образование. Обесхрабрените и долгорочните „НЕЕТ” се претежно мажи, додека, пак, семејните обврски речиси исклучиво се поднесуваат од младите жени.Невработените и обесхрабрените „НЕЕТ” со помала веројатност припаѓаат на сиромашни домаќинства.

Стапката на младите „НЕЕТ” е највисока во североисточниот регион (40,7 отсто), следен од полошкиот регион (37,6 отсто) и југозападниот регион (34,7 отсто).

Проектот го спроведува Центар за истражување и анализи НОВУС, поддржан од мрежата и програмата „Youth Bank Hub Western Balkan and Turkey”, имплементиран од Фонадацијата „Ане и Владе Дивац” во партнерство со „Youth Alliance” со финансиска поддршка на ЕУ.