October 1, 2022 20:22
Македонија

Министерката за култура покажува крајно непознавање на македонската културна и уметничка продукција

Комисија за култура на ВМРО – ДПМНЕ

КОГА НЕЗНАЕЊЕТО Е СИЛА И НЕЗНАЕЊЕТО Е МОЌ, КАДЕ Е ЖЕЛБАТА НЕШТО ДА СЕ НАУЧИ?!

Просто е невозможно да се проследат и искоментираат бројните конфузни и контрадикторни изјави на актуелната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска која постојано го менува мислењето за актуелните и горливи прашања. При тоа, министерката не изнесува свој личен став, ниту пак официјален став на Министерството кое го води или на партијата чиј потпретседател е.

Стратешките дејствија на одредени центри на моќ во разнебитувањето на македонската самобитност и посебност, министерката ги дефинира само како провокација и инцидент, не сфаќајќи ја причинско-последичната поврзаност помеѓу нив. Се поставува прашањето: дали станува збор за автоцензура или цензура од повисоки инстанци иако декларативно сте против цензурата и се обидувате да промовирате слобода на говор, мисла и творештво?

Министерке, кога веќе се осмелувате да констатирате дека единаесет години за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ имало цензура на слободната мисла, мора да ви укажеме дека цензурирањето на слободната творечка мисла се случува токму во ваше време. Само за илустрација, ќе ви наведеме дека цели пет години стои неприкажана, затворена во бункер, снимената играна серија „Црвениот поет” за поетот и револуционер Коста Солев Рацин која го опфаќа перидот на монархо-фашистичката влада на Бугарија за време на Втората светска војна.

Министерке, Вие покажувате еклатантно непознавање на квантитетот и квалитетот на севкупната македонска културна и уметничка продукција кога велите дека во периодот на владеењето на ВМРО ДПМНЕ бил снимен само еден филм со историска тематика, наведувајќи го филмот „Трето полуреме”. За Ваше потсетување во периодот од 2008-2017 година реализирани се 147 филмски проекти со финансиска поддршка од страна на Филмскиот фонд, а потоа од Агенцијата за филм, а кои третираат најразлични теми, меѓу кои и историски.

Недозволиво е еден министер за култура да кажува невистини пред јавноста, но за жал тоа е начинот на владеењето на СДСМ. Престанете со анализи на единаесетте години владеење на ВМРО ДПМНЕ. Оставете споредбата, кој како владеел, да ја направи народот согласно фактите, доказите и аргументите кои сепак, не можете да ги промените, ниту пак да ги избришете!

Имајќи ги предвид Вашите комплексни овластувања и механизмите кои Ви се на располагање, крајно време е да се фатите за работа или, едноставно, да си дадете оставка од позицијата Министер за култура!