September 28, 2022 15:33
Македонија

Македонските иселеници во матичната книга на родени ќе може децата да ги запишуваат со сертифицирана копија на извод

Македонските иселеници во матичната книга на родените ќе може децата да ги запишуваат со сертифицирана копија на извод верификуван со апостил печат, информираше за МИА, Алберт Деде, посебен советник во кабинетот на министерот задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи.

– Ова доаѓа по нашето барање до Управа за водење на матичните книги за измени во постапката за прием на документи за лица надвор од државава и постигнатото разбирање и согласност од нивна страна. Тоа значи дека  припадниците на нашата дијаспора, при запишување на нивните деца во матичната книга на родени, ќе можат да поднесуваат сертифицирани копии од извод од матична книга на родени, претходно заверени со апостил печат во државата каде се издадени, дообјаснува Деде.

Најголем проблем од овој аспект имале нашите иселеници во САД, каде еднаш се издава извод во оригинална форма, па се случувало тие да доставуваат копија заверена на нотар кај нас, поради што биле враќани назад без да ја добијат бараната услуга. Поради тоа имале бројни барањата од нашите иселеници во САД, по што доставиле барање до Управата, каде наишле на разбирање и ова прашање е решено во полза на иселениците, кои живеат не само во САД туку и во други земји.

-Исто така сакам да информирам дека е неопходно нашите граѓани кои живеат во дијаспората да го имаат во превид фактот дека кога се доставува сертифицирана копија од извод од матична книга на родени, на венчани или умрени, задолжително изводот треба да биде заверен со апостил печат во државата каде е издаден, посочува Деде.

Во САД живее многубројна македонска дијаспора, а само од општина Дебар над 16 илјади лица.