October 5, 2022 13:50
Спорт

Македонија ја растури Летонија и непоразена оди во полуфиналето на кадетското ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија за играчи до 18 години во третото коло на ЕХФ шампионатот што се игра во Рига,  ја растурија соодветната домашна селекција на Летонија (33:23) и со максимални три победи во групата продолжуваат во полуфионалето.

Утре  на шампионатот е слободен ден, а в сабота од 15 часот македонските надежи играат во полуфиналето со поразениот состав од денешниот меч меѓу Луксембур и Швајцарија или во случај на нерешено, против Луксембург, кој има послаба гол-разлика во групата А.

Македонските ракометари против Литванија  уште од почетокот на натпреварот ги презедоа работите во свои раце и по воведните 2:2, направија серија од 6:1 со која дојдоа до плус пет (8:3). Летонците се обидоа да се вратат во игра, дојдоа до 11:8, но немаа сили за нешто повеќе против расположените македонски ракометари.

Со сигурна игра, Македонија ја зголемуваше предноста и на одмор замина со убедливи 21:12 со што практично ги реши дилемите околу победникот. Во второто полувреме, избраниците на селекторот Раде Стојановиќ рутински ги одработија 30-те минути и славеа со убедливи 33:23.

Најдобри во редовите на Македонија беа Тодор Узунчев со седум гола, додека Димковски и Петковски дадоа по шест гола, а Брестовац на голот имаше 11 одбрани.