September 26, 2022 18:48
Балкан

Курти: Постои опасност од нова војна во Западен Балкан

Косовскиот премиер, Албин Курти, по повод последните инциденти во северните делови од Косово, каде што живее мнозинско српско население, изјави дека постои опасност од нова војна во Западен Балкан. Во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“, кое денеска го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти изјавил дека, со оглед дека зад Србија стои рускиот претседател Владимир Путин, опасноста од нов конфликт останува висока.

-Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е многу висока, затоа што ние го имаме контингентот на НАТО тука, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија која има една автократија на границата“, вели Курти.

Според него, пред руската агресија врз Украина можностите да избие нов конфликт во Западен Балкан беа мали, но „сега ситуацијата е променета”.

-Првата епизода, која е последица на фашистичката идеја на панславизмот, беше Украина. Доколку имаме втора епизода, на пример во Транснистрија (Приднестровска Молдавска Република), тогаш можностите дека една нова, трета војна ќе се случи во Западен Балкан, посебно во Косово, ќе бидат многу високи“, изјави Курти.

Во врска со протестите во северно Косово против мерките што ги најави неговата влада за замена на српските со косовски регистерски таблички и за реципроцитет кон Србија во однос на личните документи, косовскиот премиер вели дека тие не биле спонтани, туку организирани од Белград, со помош на Русија.

-Србите имаат 48 оперативни бази околу Косово, 28 воени и 20 жандармериски. Протестите не беа спонтани, тие беа организирани од Белград, со поддршка од Русија“, изјави Курти.