October 5, 2022 14:07
Свет

Конзервативните публикации во Иран го поздравија нападот врз Салман Ружди

Главниот ирански дневен весник, ултраконзервативниот Каихан, денеска го поздрави вчерашниот напад врз авторот на Сатанските стихови, Салман Ружди и изрази воодушевување кон напаѓачот.

Ружди вчера беше избоден со нож во вратот и торзото додека беше на сцена за време на настан во културен центар во северозападниот дел на државата Њујорк.

„Браво за овој храбар и совесен човек кој го нападна Салман Ружди, кој е отпадник и развратен човек”, напиша Кајхан.

Повеќето ирански медиуми го карактеризираат Ружди како „одметник”, како што го нарекуваат иранските власти.

„Ги бакнуваме рацете на човекот кој со нож го погоди вратот на божјиот непријател”, се вели и во текстот на иранското издание.

Весникот „Иран” напиша дека е поразен „вратот на ѓаволот”.

Засега иранските власти официјално не го коментираа нападот врз 75-годишниот интелектуалец. Сепак, некои ирански функционери, како што е нуклеарниот преговарач Мохамад Маранди, ги искажаа своите ставови за нападот.

„Нема да леам солзи за писател кој зборува со бескрајна омраза и одбивност за муслиманите и исламот”, напиша Маранди на Твитер.

Британскиот писател со индиско потекло Ружди (1947) е познат по неговата книга „Сатански стихови”, која е забранета во Иран од 1988 година.

Писателот во Велика Британија беше принуден да се крие една деценија откако иранскиот ајатолах Хомеини издаде верски декрет (фатва) една година подоцна, со кој им нареди на верниците да го убијат писателот поради наводна навреда на исламот во романот.

Во 1998 година, иранската влада објави дека не ја поддржува фатвата, но и дека нема да ја повлече.

Според исламската доктрина, еднаш изречената фетва никогаш не може да се повлече, особено ако лицето што ја изрекло починало во меѓувреме, како што беше случајот со Хомеини (1902-1989).

Ружди влезе во светот на литературата во 1981 година со романот „Децата на полноќта”, сместен во неговиот роден Мумбај, чие дејство започнува на полноќ на 15 август 1947 година, во моментот кога Индија се стекнува со независност од Велика Британија.