September 26, 2022 17:59
Македонија

Клиника „Жан Митрев”: Целосно соработуваме со институциите

Клиниката Жан Митрев соопшти дека целосно соработува со институциите и дека д-р Жан Митрев по уредна покана на ОЈО денеска бил таму и дал своја изјава.

-Клиника Жан Митрев и сега и понатаму целосно соработува со институциите за кои и да било
случај. Ние како Клиника досега, а и понатаму работиме целосно транспарентно и во интерес
на пациентите. Овој однос не е само кон надлежните институции и тела во државата, туку е
и кон нашите пациенти. Знаејќи ја вистината и водејќи се според високите стандарди на работа ќе помогнеме за откривање на фактичката состојба и ги ставаме на располагање сите наши материјални и
човечки капацитети за да излезе вистината во јавноста, наведуваат во соопштение до медиумите од Клиниката посочувајќи дека за понатамошниот развој ќе информираат соодветно.

Искрено веруваме, се наведува, дека само со транспарентен однос и отворена соработка можеме да и служиме на вистината и на етичките и моралните вредности според кои работиме.

Од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска за МИА потврдија дека доктор Жан Митрев бил повикан на распит за определени околности во врска со предмет оформен по допрен глас во ОЈО Скопје.

-По утврдување на определени околности во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Измама од член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација.

Надлежниот јавен обвинител, имајќи ги предвид околностите, до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка за обезбедување на осомничениот – одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за издавање нова. Ваквата мерка е предложена заради неопходноста да се обезбеди присуството на осомничениот и за непречено водење на постапката, велат од ОЈО