September 26, 2022 19:05
Свет

Итен состанок на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Газа

Советот за безбедност на ОН синоќа одржа итен состанок за да разговара за ситуацијата во Газа, при што неколку членки изразија загриженост за ситуацијата и покрај прекинот на огнот меѓу милитантите на Исламски џихад и Израел по тридневните смртоносни престрелки.

Претставникот на ОН за Блискиот Исток, Тор Венесланд, преку видео-врска пред почетокот на состанокот предупреди дека „примирјето е кревко”, како и дека продолжувањето на непријателствата ќе има „погубни” последици.

Рускиот амбасадор Васил Небензија истакна дека Советот е „длабоко загрижен од ваквиот развој на настаните, кој може да доведе до целосен воен конфликт и дополнително влошување на и онака тешката хуманитарна ситуација во Газа”.

Израел во петокот почна интензивни напади врз позициите на Исламскиот џихад во Газа, на што милитантите одговорија со истрелување повеќе од илјада ракети во знак на одмазда, според израелската војска.

Тоа е најтешкиот конфликт во Газа од 11-дневната војна од минатата година.

Примирјето договорено во неделата со посредство на Египет стави крај на интензивните судири во кои, според  Министерството за здравство на Газа, биле убиени 44 лица, а ранети 360 лица во енклавата.