October 6, 2022 12:49
Балкан Економија

Храната и енергенсите ја искачија инфлацијата во Србија на 12,9 отсто

Инфлацијата во Србија во јули била на нивото од 12,9 отсто, од што повеќе од две третини од растот се последица од влијанието на цените на храната и енергенсите, соопшти Народната банка на Србија (НБС).

Според НБС, инфлацијата ќе го достигне врвот најверојатно кон крајот на септември, кога се очекува пад, изјави на прес-конференцијата првиот човек на српската национална банка Јоргованка Табаковиќ на претставувањето на августовскиот извештај за инфлацијата.

На растот на цените во третото тримесечје, во прв ред, ќе е влијаат високите трошоци на производството поради поскапувањето на енергенсите, потоа високите цени на земјоделските производи и индустриските суровини, како и значителниот раст на производните цени и на трговските партнери на Србија од еврозоната, се наведува уште во извештајот на НБС.

Очекувањата на централната банка, според гувернерката Табаковиќ, се дека на постепеното опаѓање на инфлацијата, по нејзината највисока точка кон крајот на септември, ќе се рефлектираат заострувањето на монетарните услови, слабеењето на глобалните фактори кои влијаат на цените на храната и енергенсите, како и мерките на српската влада за ограничување на некои цени.

Во извештајот за инфлацијата се истакнува дека НБС очекува и дека учеството на дефицитот во бруто домашниот производ (БДП) ќе порасне на 9,4 отсто, во прв ред поради растот на увозот и цените на енергенсите. И покрај тоа, Србија не се откажува од оптимистичките процени за растот на БДП-то.

„Очекуваме дека тримесечните стапки на растот на БДП-то ќе останат позитивни, па не ги менуваме проекциите за растот во 2022 година од 3,5 до 4,5 отсто. Најниската коригирана проекција на растот за 2023-та е за половина процент помала од 2022-ра“, рече Табаковиќ.

Додаде дека централната банка и натаму очекува дека оваа година во земјата ќе пристигнат 3,3 милијарди евра нето директни странски инвестиции, истакнувајќи дека до крајот на јули приливот на директните странски инвестиции надминал две милијарди евра.

Српските девизни резерви кон крајот на јули изнесувале 15 милијарди евра, што се оценува како доволна сума за реагирање во случај на нови кризи, како што се пандемија на коронавирусот и војната во Украина.