October 3, 2022 15:45
Скопје

Интензивно се уредува јавното зеленило на десетина локации во градот Скопје

Екипите на ЈП Паркови и зеленило деновиве вршат интензивни активности на уредување на вегетацијата на кејот на реката Вардар во координација со Град Скопје и останатите јавни претпријатија.

Уредувањето, како што информираат од ЈП Паркови и зеленило, започна на потег од Железниот мост по десното течение на реката Вардар кон мостот Гоце Делчев, како и на потег од Железниот мост по левото течение на реката Вардар кон пешачкиот мост во Градскиот Парк.

-Работевме и на уредувањето на вегетацијата на кејот на Вардар на потег од Паркот на езерата кон мостот Близнак, од паркот на езерата кон ПИОМ, од Камениот мост кон мостот на булевар Филип Втори. Деновиве продолживме со уредувањето на вегетацијата на кејот, на потег од мостот на бул. 8ми Септември долж десното течение на реката Вардар кон Градскиот стадион, како и долж левото течение кон спортската сала Кале, се наведува во соопштението.

Екипите со соодветна механизација работат на косење на тревните површини, сечење избојци, косење на обрасната нискостеблеста вегетација, чистење на површините на косините и ширините на коритото на реката Вардар.

Од ЈП Паркови и зеленило информираат дека во сите останати реони низ градот секојдневно се врши косење на тревните површини низ булеварското зеленило и парковите, се собира откос и се кроиме вегетацијата.

-Поради високите температури полевањето на јавните зелени површини го вршиме од 22 до 06 часот наутро, а дел од градското зеленило каде нема поставено систем за наводнување, вршиме полевање со вода од цистерна, велат од ЈП Паркови и зеленило и додаваат дека истовремено продолжуваат со хортикултурно уредување на јавна површина зелен плоштад на ул.„Јужноморавски бригади”, кај каналот, со површина од 4850 m2 во населбата Ченто и реконструкција на минор корито на кејот на реката Вардар на потегот од мостот Мајка Тереза до мостот Генерал Михајло Апостолски.