September 26, 2022 18:18
Македонија

Илинден прославен со пораки за обединување, заедништво и продолжување на европскиот пат

Чествувањето на Денот на Републиката и на двата илиндена вчера измина со пораки за обединување и заедништво, посветеност на државните приориети односно патот кон зачленување во Европската Унија. Претседателот на државата, власта и опозицијата говорите ги темелеа тргнувајќи од своите веќе изнесени ставови во јавноста. Одбележувањето на Илинден годинава ќе биде запаметено што по 18 години во договор со српските власти и црква, македонска делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски се поклони пред обновената спомен плоча на АСНОМ.

Шефот на државата во обраќањето пред доделувањето на Орденот на Република Северна Македонија истакна дека концептот на обединета Европа е најдобра шанса за развојот на државава.

-Наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, а концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република, рече Пендаровски.

Порача дека во рамки на нашите заложби за целосна интеграција во Европската Унија, имаме цврста намера, како што рече, да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било, наместо за европски вредности да разговараме за возобновување на империјалистички концепти и идеи од минатите векови.

– Концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република. Овие напори се жртвата на нашата генерација за нашите млади и за нивната иднина. Но, за сето ова да не биде залудно, огромна незавршена работа нè чека дома каде што треба да продолжиме да ја градиме државата како праведна и прогресивна во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство и ефикасен правен систем што ќе ги сузбива криминалот и корупцијата, рече Пендаровски.

Свесен сум, дополни, дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење. -Дека наводно веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвораме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци, на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда. Токму овие одликувања се нашиот одговор на секој обид да се замолкне вистината. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, истакна претседателот.

Порачувајќи дека со историската вистина нема компромис, како и дека говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза, потенцираше дека проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината. Затоа,  нагласи, ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината. Не треба да чувствуваме никаков страв. -Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. А наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина, рече Пендаровски.

Шефот на државата, кој со македонска државно-црковна делегација, по пауза од 18 години беше во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински” изјави дека е договорено во најскоро време да се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи со Србија која ќе треба да ги договори идните прослави на 2 Август во манастирот. Пендаровски им се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ и на поглаварот на СПЦ Порфириј затоа што, како што рече, ни овозможија после 18 години пауза да дојдеме на ова свето место и да го одбележиме најголемиот македонски државен празник.

-Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава и знаете од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па знаете, правевме некои алтернативни паралелни прослави во близина, меѓутоа не и овде каде што навистина е одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која 2 Август, тоа е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и оттука натаму се разбира дека, како велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да оддадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година, изјави Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски годинава имаше обраќање од Мечкин Камен од каде порача дека Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Република Северна Македонија. Даваме збор, додаде тој, дека илинденската и асномската идеја за светла и перспективна македонска иднина, ја имаат пред себе и генерациите на денешнината и од неа нема назад, има само напред. Сега е време, порача Ковачевски, за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред се за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава.

-Водени од погледот кон иднината на илинденците и асномците создадовме слободна, суверена, независна и самостојна Македонија со сопствен и неоспорен идентитет. Уште одѕвонуваат зборовите на нашиот претседател Киро Глиговор од таа вечер: Ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија со којшто е објавено и потврдено на сонот за слободна и самостојна држава, рече премиерот.

Визијата на револуционерите кои се издигнале над своето време Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, на Никола Карев општо на Крушевската Република за обединување, еднаквост, правичност и праведност, перспективност, додаде Ковачевски, е аманет којшто обврзува секого кој и мисли добро на својата земја Република Северна Македонија. -Да се почитува великанот Гоце Делчев значи да се сфати неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите и така да се дејствува, рече премиерот.

Ковачевски рече дека сегашните генерации ќе ја имаат можноста да го посведочат денот кога со полноправно членство, македонскиот јазик ќе е дел од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на ЕУ.

-Сонот македонскиот јазик да се чуе надалеку, да го запознаат, чујат и да оживеат земји и култури коишто никогаш досега немале допир со него ќе стане стварност. Нашата генерација ќе има можност се што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција да го втемели во основите на големото европско семејство правејќи го побогато и поразнолико, вистинско обединето во различностите. Поголемо признание и можност за развој на се она што е македонско не постои. Не постои поголем патриотизам од носењето државнички одлуки. Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други поинакви битки за развој и просперитет на сите граѓани подеднакво, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот од Мечкин Камен повика на обединување не само по етничка и верска припадност туку и по политичките определби, а приоритет да бидат државните интереси и интеграцијата во европското семејство.

-Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред се за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава. Како што успеавме да се обединиме независно од нашата етничка и верска припадност, нашата заедничка должност е да се обединиме и независно од политичките определби како Илинденците и АСНОМ-ците и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети и во времето на Илинден и во времето на АСНОМ и денес се напредок на државата, рече Ковачевски.

Според него, нема поголем државен приоритет од патот напред којшто носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните.

-Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување на генерациите на денешнината за остварување на оваа стратешка државна цел. Нејзините корени се во Илинден и затоа Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина, рече Ковачевски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој предводеше делегација во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, порача дека имаме една заедничка држава и оти сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме за нас и за идните поколенија. Тоа, рече Џафери, е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани.

Според Џафери, предизвиците на нашиот пат никако не престануваат и не се намалува тежината на одлуките што треба да се донесат, а секоја нова тешкотија, нова пречка е тест за државата, за институциите и за граѓаните, и, се разбира дека, како што вели, тоа фрустрира.

Зборувајќи за глобалните кризни и безбедносни предизвици, тој кажа дека сме „премногу мали за сами да ги биеме битките пред кои се исправаме секојдневно” и оти е значајно да бидеме обединети и единствени за тоа што го сакаме, заслужуваме и можеме како земја и како граѓани на Република Северна Македонија. Но сега, вели Џафери, не сме сами бидејќи пред две години станавме 30-тата полноправна членка на НАТО, а донесовме „тешки, државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон евроатланската интеграција и на тој пат политички созреавме и ние како политичари и нашите граѓани”.

-Бевме и се уште сме посветени на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи, и на тој пат ја имаме сета поддршка на нашите меѓународни партнери и пријатели. Со нивна силна поддршка го направивме и долгоочекуваниот чекор кон европското семејство. Ја одржавме првата меѓувладина конференција со Европската унија – што практички претставува знак дека веќе сме внатре во игра со големото европско семејство, после цели седумнаесет години статус на земја кандидат за членство. Дали ќе биде лесно? Се разбира дека нема да биде лесно, па играта само што започна, рече Џафери, порачувајќи дека сега започнува вистинската битка за реформирање на институциите, за консолидирање на редовите, за спроведување во пракса на усогласените закони со европското законодавство и за тоа ни треба единство, искрен и несебичен придонес на секој еден поединец во државата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, кој традиционално присуствуваше на прославата на Илинден од струшкото село Ташмаруништа, место во кое се одвивале клучни битки за време на Илинденското востание, повика преку обединување за Македонија да се вратат енергијата и државата, односно, како што рече, да го вратат изгубеното и да создаваат иднина, без откажување, како илинденците. Го повтори барањето за предвремени парламентарни избори и повика на поддршка за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за прифаќањето на францускиот предлог.

-Преку обединување и подавање рака кон секому на кој Македонија му е на прво место, да се бориме против предавствата и болната реалност. И не заборавајте, имаше прв, имаше втор Илинден, третиот Илинден беше 8 Септември 1991 година, да се избориме за уште еден нов Илинден каде ќе имаме победа на Македонија над сите неправди, инсталации, и сили кои не влечат надоле. Илинден не учи дека нема откажување и дека борбата е константа, а љубовта кон татковината најголема сила. Затоа и Македонија ќе победи и ќе одиме напред. Пламенот е разгорен, промените ќе се случат, нагласи Мицкоски

Тој оцени дека денеска на државата и се случува историско дежа ву, на сите аспирации на дел од соседите, кои во различни облици не следеле како проклетство низ вековите. Власта, како што рече, има две цели, односно сака да ги обвини Европската унија и меѓународната заедница за актуелните случувања во Македонија и оти сака да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет. Излезот од моменталната состојба, смета Мицкоски, се предвремени избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Парламентот како гаранција дека, како што рече, Македонија ќе го врати загубеното. Мицкоски воедно наведе дека „бегството од референдум на Владата е бегство од народот и доказ за тоа колку големо предавство прават на својата земја и на својот народ”.

-Јавно повикувам да поддржиме референдум, сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски уште еднаш повтори дека „нема промена на Уставот под овие околности, по ниту една цена”.

Делегација на оваа партија, го напушти чествувањето за Илинден на Мечкин Камен без да го проследи обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски, поради, како што изјави потпретседателот на партијата Александар Николоски, партиското и политичкото дејствување на владејачката СДСМ.

Како дел од активностите за чествување на Илинден се одржа и традиционаната Семакедонска средба во потпелистерско Трново, а чествувања имаше и во организација на локалните самоуправи ширум државата.

Чествувањата  на 119 години од Крушевската република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ се одбележаа под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината”. Во Скопје бројни делегации положија цвеќиња на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски и на генералот Михајло Апостолски, како и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел”, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец” во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад. Цвеќе беше положено и пред Меморијалниот центар во Пелинце, на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум” на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република.