August 19, 2022 14:06
Свет

Израелската војска во Појасот Газа спроведува операција против „непосредна закана”

Израелскиот премиер Јаир Лапид синоќа изјави дека израелската армија извела операција „против непосредна закана” по нападот врз организацијата „Исламски џихад” во Појасот Газа.

-Израел изврши прецизна антитерористичка операција против непосредна закана, изјави Лапид за телевизијата.

„Исламски џихад е продолжената рака на Иран, кој сака да ја уништи државата Израел и да ги убие невините Израелци… Ќе направиме се што е потребно за да го одбраниме нашиот народ”, кажа израелскиот премиер.

Претходно, во текот на вчерашниот ден, Израел изврши воздушни напади врз цели во Газа, при што беше убиен висок командант на Исламски џихад.

Армијата во вечерните часови објави дека продолжува со нападите, особено на истокот на градот Газа.

-Во овој „превентивен напад” врз „Исламскиот џихад” загинаа 15 борци, изјави портпаролот на израелската армија Ричард Хехт.

Израелската Влада издаде предупредување за можни палестински ракетни напади врз израелските градови. Во текот на денот по овој повод се огласија сирените во централните и јужните делови на земјава.

„Повеќе од 100 ракети” беа истрелани од „бригадите Ал-Кудс” кон израелска територија, како што вооруженото крило на „Исламскиот џихад” го нарече „првиот одговор” на израелските напади во кои загина еден од командантите на групата, Тајсир ал Џабари.

„Исламски џихад”, организација која Израел, ЕУ и САД ја сметаат за терористичка, ја потврди неговата смрт.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека загинале 10 лица, меѓу кои и едно петгодишно девојче, а 55 се повредени.