October 3, 2022 17:06
Македонија

Извршен мониторинг на преку 250 православни културни добра во рамки на проектот „Мониторинг на православното културно наследство”

Во текот на мај, јуни и јули извршен е мониторинг на состојбата на вкупно 253 православни сакрални објекти (цркви и манастири) во осумте епархии на МПЦ-ОА, што се наоѓаат на територијата на државава, во рамки на проектот „Мониторинг на православното културно наследство” спроведуван од страна на ИКОМОС Македонија, во соработка со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.

– Во Скопската и во Повардарската епархија, извршен е увид на вкупно 48 православни добра, во Дебарско-кичевската епрахија на 71, во Преспанско-пелагониската епархија извршен е увид на 46 православни објекти, во Тетовско-гостиварската и во Кумановско- осоговската епархија на 50, а во Струмичката и во Брегалничката епархија извршен е увид на состојбата на 38 православни објекти, се наведува во соопштението од ИКОМОС Македонија.

Мониторингот на состојбата, спроведуван од страна на пет стручни тимови од ИКОМОС Македонија, се одвива континуирано и непречено во текот на летните месеци, благодарение и на срдечната соработка со надлежните лица од епархиите на МПЦ-ОА и со локалното население во посетените општини.

Во рамки на овој двегодишен проект, предвидено е да биде направин увид на состојбата на вкупно 700 православни сакрални објекти, кој ќе послужи за изработка на специјализирана база на податоци која ќе биде достапна за јавноста, и за давање препораки за превентивни и заштитни конзерваторски интервенции за невижното православно културно наследство.

– Специјализираната база на податоци ќе биде достапна онлајн и ќе содржи информации во однос на опфатените православни објекти како: основни податоци за црквата/манастирот, опис, состојба, претходни интервенции на доброто, зачуваност на изворната состојба/автентичност и интегритет и препораки за заштитни интервенции, кои ќе му користат на секој познавач или љубител на православното културно наследство. Истата планирано е да биде ставена во употреба на есен, соопштија од ИКОМОС Македонија.