October 3, 2022 17:50
Свет

Зеленски ја критикуваше глобалната безбедносна архитектура, укажа и на конфликтите на Балканот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ја критикуваше светската безбедносна архитектура како целосно несоодветна, укажувајќи не само на војната во сопствената земја, туку и на конфликтите на Балканот, Тајван, Кавказ.

– Сите тие ситуации изгледаат поинаку, иако ги обединува еден фактор: глобалната безбедносна архитектура не функционираше, изјави Зеленски во своето обраќање доцна синоќа.

Тој уште еднаш ја обвини Русија за кршење на меѓународното право во својата, со ништо предизвикана, инвазија на Украина.

Зеленски ја нарече 2014 година „пресвртница”, откако меѓународната заедница едноставно ја пуштила Русија да се извлече со незаконски дејствија, како анексијата на Крим или соборувањето на авионот на Малезија Ерлајнс над регионот Донбас во источна Украина.

Според украинскиот претседател, војната во Украина покажа колку е кревка слободата. На светот му е потребна, како што тој појасни, „ефикасна глобална безбедносна архитектура, која обезбедува ниту една држава повеќе никогаш да не може да употреби терор против друга држава”.

Зеленски ја обвини Русија и дека само се преправа оти е отворена за мировни преговори. Тој наведе дека Москва, доколку навистина сака мирно решение на конфликтот, моментално нема да се прегрупира во јужна Украина.