September 28, 2022 14:54
Свет

Зеленски предупреди на опасност од нова нуклеарна катастрофа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја предупреди меѓународната заедница на опасност од нова нуклеарна катастрофа, слична на таа во Чернобил од 1986 година, јави ДПА.

– Русија е терористичка држава, што ја држи во заложништво нуклеарната централа Запорожје и ја користи за уцена, истакна тој преку видеообраќање на отворање на донаторска конференција за Украина во Копенхаген.

Како што тој додаде, „Русија денес е уште поцинична и поопасна од Советскиот сојуз, кој тогаш се обиде да ја скрие нуклеарната катастрофа во Чернобил”.

Според него, Европа треба да се заштити од „оваа закана”.

– Нуклеарната централа Запорожје не е само најголемата во Европа, туку и трета по големина во светот. Одговорот на дејствата на Русија треба да биде сеопфатен, смета Зеленски.

Тој нагласи дека Украина има потреба од максимално оружје и муниција, со цел да се одбрани.

– Никому не му требаат нови катастрофи, подвлече украинскиот претседател.