October 3, 2022 16:10
Свет

Захарова: Протерувањето на дипломат од Црна Гора – хибридна кампања на Западот

Москва го смета протерувањето на рускиот дипломат од Црна Гора како нова епизода од хибридната кампања што Западот ја започна против Русија, изјави денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.

„Тој чин на црногорските власти го доживуваме како уште една епизода од хибридната кампања на Западот и неговите послушници против Русија“, рече Захарова, пренесе ТАСС.

Според неа, Русија овој потег го доживува како неподготвеност и неспособност на официјална Подгорица да се оддалечи од политиката на механичко следење на деструктивната линија на штета на меѓународната безбедност и на сопствените национални интереси.

Захарова посочи дека Москва го задржува правото да преземе мерки во согласност со општо прифатената дипломатска практика.

Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Русија ќе возврати за протерувањето на уште еден руски дипломат од Црна Гора.

Црногорското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека дипломат на руската амбасада во Црна Гора е прогласен за персона нон грата, пренесе РТЦГ.

Во соопштението се прецизира дека рускиот дипломат е прогласен за непожелна личност „поради активности кои се во спротивност со членот 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Официјална нота за оваа одлука, во која е наведен рок од седум дена за напуштање на територијата на Црна Гора, е доставена до амбасадорот на Руската Федерација, Владислав Маслеников, се вели во соопштението.