November 29, 2022 05:29
Балкан

Едниот кум го загуби семејството, другиот животот, а третиот пукаше во масовниот убиец

Црногорски Стандард ја пренесува приказната за тројцата кумови на вчерашниот масакр во Цетиње. Едниот го загуби семејството, другиот животот, а третиот пукаше во масовниот убиец.

Еден од нив е Милош Мартиновиќ. Неговиот газда Вук Бориловиќ му ја убил сопругата Наташа и нивните два сина на возраст од 8 и 11 години. Како што пишува Стандард, Наташа се степала со убиецот кој прво го убил едниот син, но таа не успеала да се одбрани, па тој ја убил неа и другиот син кој ручал на масата во кујната.

Некаде во тие моменти Мартиновиќ ѝ се јавил на сопругата. Таа не му одговорила, па тој се јавил на кумот Митар Митровиќ (37), барајќи од него веднаш да отиде во нивниот изнајмен стан и да провери што се случува.

Митровиќ тоа го направил без да каже збор.

Во меѓувреме, Мартиновиќ добил телефонски повик од убиецот, кој лично му кажал дека ги убил сопругата и синовите.

Митровиќ, кој неодамна се оженил и добил дете, панично го напуштил домот и загрижен за семејството на својот кум, ненаоружан заминал на местото на злосторството.

Како што пишува Стандард, не се грижел за предупредувањата, се надевал дека ќе стигне да ги спаси своите кумови.

Но, тој не добил шанса да се врати дома, многу брзо и самиот стана жртва.

Иако се стари познаници и семејни пријатели, Бориловиќ немал милост, штом се приближил до дворот од куќата пукал во него, оставајќи го мртов на лице место.

Третиот, Ненад Нено Калуѓеровиќ, е кум на Митровиќ. Стандард пишува дека тој го прекинал крвавиот поход, пукајќи во Бориловиќ и сигурно спасил уште некој човечки живот, пишува Курир.