October 5, 2022 14:29
Свет

Европската Унија воведува санкции за Виктор Јанукович и неговиот син

Земјите-членки на Европската Унија воведоа санкции против поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович и неговиот син поради нивната наводна улога во загрозување на безбедноста на Украина.

Во соопштението на Европскиот совет од 4 август се вели дека двајцата се додадени на постојната листа на санкции на ЕУ „поради нивната улога во поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, како и стабилноста и безбедноста на државата“.

Според РСЕ, Советот објавил дека презема мерки како одговор на „тековната неоправдана и неиспровоцирана руска воена агресија против Украина“.

Јанукович беше претседател на Украина четири години додека не беше соборен во февруари 2014 година во бунт против вртењето на неговата влада од Запад кон Москва.

Русија одговори на поразот на својот сојузник со окупирање на украинска територија на полуостровот Крим и во источниот регион Донбас. Москва започна целосна инвазија во февруари 2022 година, пишува медиумот.

Истиот пренесува дека Документот за санкции објавен во Службениот весник на ЕУ го обвинува Јанукович дека планира да се врати на власт во Украина доколку успее руската инвазија и претседателот Володимир Зеленски биде сменет.

Јанукович бил дел од руската специјална операција чија цел била да се собори украинскиот претседател во првите фази од тековната инвазија, објави официјалниот весник на ЕУ, повикувајќи се на „различни извори“, пренесуваат медиумите.

Санкциите против синот на Јанукович, Олександр Јанукович, биле воведени поради истите причини и поради „спроведување трансакции со сепаратистичките групи во регионот Донбас во Украина“.

Како санкционирани лица, двајцата се предмет на забрана за издавање визи на ЕУ и замрзнување на имотот што ги поседуваат во блокот.