October 3, 2022 16:18
Балкан

Демократите пресекоа – ќе гласаат да падне владата на Абазовиќ

Демократите ќе гласаат да падне владата на Дритан Абазовиќ, најави вечерва пратеникот на таа партија Владимир Мартиновиќ.

„Ние вечерва не уриваме ништо друго освен Владата на ДПС. Ја уриваме владата на ДПС, а на оние кои народот ги избра на 30 август да прават промени по 30 години од претходниот режим, им нудиме да потпишат дека по падот на власта нема да прават комбинации со ДПС, туку дека ќе го вратиме тоа мнозинство што беше волја на изборите“, рече Мартиновиќ на седницата на парламентот на која единствена точка на дневен ред беше барањето за недоверба на владата на Дритан Абазовиќ.

Предлогот за недоверба на Владата го поднесоа 36 пратеници на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Социјалдемократската партија, Либералната партија, Социјалдемократите и Демократскиот сојуз на Албанците, само неколку часа откако Абазовиќ ја потпиша Основен договор со Патријархот на Српската православна црква, Порфири.

За конечен пад на Владата неопходен е глас од 41 пратеник, што значи дека на ДПС и на коалиционите партнери им недостига еден глас.

Демократите на Алекса Бечиќ беа претходно споменати како врв на вагата што може да и го обезбеди потребното мнозинство на ДПС или, пак, да му помогне на Абазовиќ да остане на премиерската позиција.

Од оваа партија претходно најавија дека ќе донесат одлука за гласањето на самата седница, но пратеникот Мартиновиќ сега најави што ќе прават демократите, со што е поизвесно дека владата на Абазовиќ ќе падне вечерва.