September 26, 2022 18:39
Балкан

Вучиќ и Курти на 18 август на средба во Брисел

Портпаролот на Европската унија – Петер Стано потврди дека следната рунда од дијалогот меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво ќе се одржи на 18 август во Брисел.

„Можам да потврдам дека откако високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел ги покани двете страни во Брисел, претседателот на Србија (Александар) Вучиќ и премиерот на Косово (Албин) Курти ја прифатија неговата покана и ќе дојдат во Брисел на 18 август“ – стои во писмениот одговор на Стано.

Тој вели дека српскиот претседател и косовскиот премиер ќе бидат примени од шефот на европската дипломатија Борел, како и од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, со цел заеднички да разговараат за „патот напред во дијалогот меѓу Приштина и Белград“.

Ова ќе е прва средба меѓу Курти и Вучиќ во рамките на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година. Последен пат тие се сретнаа во Брисел во јули 2021 година.

Откако Албин Курти е на чело на Владата на Косово, досега се одржани само две средби на највисоко политичко ниво.