December 6, 2022 02:05
Македонија

Во Куманово се реконструира ОУ „11 Октомври” со пари од буџетот на МОН

Основното училиште „11 Октомври” во општина Куманово е меѓу училиштата кое наскоро ќе има подобрени услови за реализација на воспитно-образовниот процес. Училишниот објект до крајот на годината ќе добие нова, енергетски ефикасна фасада, за што МОН вложува речиси 16 милиони денари, информира Министерството за образование и наука.

МОН наведува дека во ова училиште има инвестирано 14 милиони денари за замена на прозорците, санитариите и подовите, а во план за следниот период е и реконструкција и опремување на спортската сала во склоп на училиштето.

– Добрата образовна инфраструктура директно влијае врз мотивацијата за работа на наставниците и на стимулацијата на учениците за постигнување подобри образовни резултати. МОН продолжува со спроведување на планираните инвестициски активности за 2022 година за поквалитетни услови за образование, со подеднаков опфат на сите општини во државата и реализација согласно приоритетноста на потребите, наведува МОН во соопштението.