December 10, 2022 00:43
Скопје

Во Ѓорче Петров одбележани 21 година од загинувањето на бранителите кај Љуботенски бачила

Општина Ѓорче Петров на три локации, односно на спомен-чешмата на „Томислав Настевски-Бумбар“ и спомениците на бранителите во Волково и во реонскиот парк, денеска одбележа 21 година од згаснувањето на животите на хероите кај Љуботенски бачила во 2001 година.
Бројни високи делегации, членови на семејствата, претставници на политички партии и на здруженија оддадоа почит на централната манифестација на споменикот во Волково.
Пред присутните се обрати градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој рече дека Раде Јанковски, Ивица Златевски, Томе Димовски, Томислав Настевски и Ацо Ангеловски кој е загинат во јануари 2000 година, но на кој му се оддава почит денеска заедно со останатите се јунаци со кои Ѓорче Петров се гордее.
-Овој споменик е наша гордост. Паднатите херои чие дело го чествуваме денеска го претставуваат ликот на македонската нација која има долга историја на патриотизам, пожртвуваност и чест. Ова е нација која се бореше во многу битки за да ја задржи земјата слободна и ослободена од закани – рече Стојкоски.
Само на овој начин, истакна, ќе ја сочуваме традицијата и ќе ги сокриеме спомените од заборав.
-Немам доволно зборови за да ја искажам почитта кон бранителите. Горд сум што овие наши храбри сограѓани ќе останат засекогаш врежани во македонската историја. Ние Македонците сме симбол за непокор. Оваа земја помина и надмина илјадници тешки и трагични премрежја, страдни времиња. Но, оваа земја даде и големи јунаци. Нека им е вечна слава на храбрите бранители – додаде Стојкоски.
На 10 август 2001 година кај месноста Љуботенски бачила од нагазна мина поставена на патот животот го загубија Томе Бадаровски, Марјанчо Бошковски, Томе Димовски, Ивица Златевски, Бранко Јанев, Раде Јанковски, Томислав Настевски и Гоце Чанкуловски.