October 5, 2022 15:06
Македонија

ВМРО ДПМНЕ ќе предложи закони до Собранието за ублажување на кризната состојба

Периодот што следи ќе биде предизвикувачки тежок, а не гледам иницијатива од Владата да ја подобри состојбата. Веднаш штом Собранието ќе продолжи со работа, ние ќе предложиме закони преку кои ќе се обидеме да ја ублажиме кризната состојба која ќе следува оваа есен и зима, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговорајќи на прашањето во врска со претстојната енергетска криза.

Според Мицкоски, енергетската криза со себе ќе повлече и економска криза, затоа што, како што рече, голем дел од производните капацитети веќе се затвораат.

-И во Македонија дел од тие капацитети веќе се затворија. Веќе добиваме информации од помалите стопански субјекти дека сметките за август, кои практично се однесуваат на јули со овој нов регулационен период, се зголемени некаде и четирикратно. Тоа значи дека голем дел од нив ќе бидат приморани или да отпуштаат вработени или да го затвораат својот бизнис, а дел од нив и ќе банкротираат. Сето тоа ќе има последици во економијата, рече Мицкоски во Љубанци, каде беше пуштено во употреба ново игралиште.

Тој напомена дека од парламентарното мнозинство, од СДСМ и ДУИ зависи дали ќе ги прифатат или не нивните предлози.

-Предупредував за енергетската криза уште во март, и предупредував што треба да направи оваа Влада но поради самобендисаноста и нивната неспособност ништо не направија. Ќе почне учебната година, за некој месец од денеска започнува и грејната сезона, имајќи в предвид во Средна и во Источна Европа грејната сезона почнува од 15 септември, допрва доаѓаат тешките времиња. Но, како што можам да забележам од страна на владините министри воопшто нема грижа за ова, ниту некој води сметка како понатаму, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на прашањето околу зголемувањето на даноците, Мицкоски одговори дека сите даноци кои оваа Влада ќе ги зголеми, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати, ќе ги намали, и како што рече, ќе водат политика на рамен данок не на 10, туку на 8 проценти.